Наталитетот опаѓа, а бебињата се‘ повеќе се раѓаат со царски рез

Наталитетот опаѓа во земјава, а децата се повеќе се раѓаат со царски рез. Ова се дел од заклучоците на Петтиот конгрес на гинеколози, што викендот се одржа во Охрид.
Според медицинските експерти редовни прегледи, зголемување на свесноста за вакцинација со ХПВ вакцина и намалување на трендот на породување со царски рез, се основни предуслови за подобрување на женското здравје.
Стапката на породувања со царски рез во светски рамки бележи огромен пораст. Трендот се чувствува и во земјава, каде речиси 42 до 43% од децата денес се раѓаат со оперативен зафат.

-„ Во светски рамки од 7 % породувања со царски рез сега се искачи на 21 %, според Светската здравствена организација. Кај нас во деведесеттите години беше околу 10 проценти, а сега во регионот е зголемен за околу 21 процент што значи некаде 31 проценти, но во Македонија тој е 42-43 проценти. Што значи скоро половина од бебињата се раѓаат со царски рез. Тоа прашање е дали носи бенефит и за здравствениот систем бидејки е оптеретување, бара опрема, бара кадар, бара анестезиолози, конци, оперативно време, е поскапо како вид на породување, но прашање е дали и за мајките носи бенефит затоа што комликациите се поголеми“, вели професор д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО).

Фертилитетот во земјава се намалува, младите жени одлучуваат да го одложат раѓањето деца за подоцна. Гинеколозите се загрижени и за ниската заинтересираност за ХПВ вакцината. Процентот на вакцинирана млада популација и покрај бројните кампањи се уште е мал. Потребна е едукација за подигнување на свесноста кај женската популација.

-„Свеста треба да се зголеми за редовни прегледи, не треба да чекаме тие да дојдат. Најверојатно ние ќе треба да отидеме поблиску до нив и тука да ги надминеме сите оние бариери и традиционални и финансиски. Практично да овозможиме инклузија на сите кои што не се свесни за потребата за редовни гинеколошки прегледи. Има подобрување, но се уште има потреба да биде свесноста подигната на повисоко ниво“, вели професор Ана Данева Маркова.

На Конгресот во Охрид присуствуваат околу 530 гинеколози и акушери од нашата држава, но и специјалисти од Италија, Турција, Малта, Португалија, Египет, Словенија, Хрватска, Србија и Албанија.

Новинар Соња Рилковска

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани