

Нова опрема за ЈП „Охридски Комуналец“ и ЈП „Нискоградба“
Во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите на ЈКП преку набавка на опрема“ денес беше испорачана новата опрема трактор со плуг за чистење снег и соларка за ЈП „Охридски Комуналец“ и трактор со цистерна за фекалии за ЈП „Нискоградба“ Охрид.
Општина Охрид, во рамките на своите надлежности како основачи на Јавните комунални претпријатија, а, пред сѐ, водени од грижата за квалитетно испорачани услуги кон крајните корисници, како ЕЛС се вклучивме во регионалниот проект „Јакнење на капацитетите на ЈКП преку набавка на опрема“, што го реализира Центарот за развој на Југозападниот плански регион, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Во рамките на активностите на проектот, денес, ја промовираме опремата која е испорачана за ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Охридски Комуналец“, а станува збор за современи трактори од најновата генерација на мешовитата компанија Солис Јанмар, која е спој на две еминентни компании- Индиската Солис, позната во светот по производство на трактори и Јапонската Јанмар позната по производството на мотори за трактори. ЈП „Нискоградба“ од денес поквалитетно ќе ја врши услугата за чистење на канализационата мрежа и за таа намена покрај тракторот набавена е најсовремена цистерна за фекалии со носивост од 6000 l. За ЈП „Охридски комуналец“ набавен е трактор со плуг со ширина од 2,5 m за чистење на една коловозна лента и соларка од 1200 l со современи хидраулични решенија за ефикасно справување при падавини на снег и појава на голомразица, рече Пецаков.