

Христијан Пендиков, секретарот на сега згаснатиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“, во Охрид, за првпат се појави во судница во својство на оштетен за тепачката што се случи на 19 јануари во кафуле во центарот на градот. За медиумите рече дека се чуствувал небезбедно, бидејќи добивал смтрни закани и навреди на социјалните мрежи.
„Лично да се плашам, не се плашам но не е убаво чуството да добивате по 20, 30 закани смртни, псовки на фејсбук, на месинџер“, рече Пендиков кој избегна да каже какво е чувството да биде дел од процес кој прерасна во меѓународен проблем.
Судењето започна утринава со доставено дополнително медицинско вештачење против обвиненитиот Илија Спасеск, но се одложи набрзо бидејќи одбраната побара време за да го проучи доказот. Судијата Бојан Мартиноски тоа не го дозволи, па адвокатите ја напуштија салата поради што судењето не можеше да продолжи. Новиот датум е 12 јули, но Пендиков не знае дали тогаш ќе дојде оти вели дека уште има здравствени проблеми.
Бранителот на обвинетиот, кажа дека се пробиени законските рокови за дополнително вештачење и дека е потребно време за да се спреми одбраната.
„Во никој случај, како сериозен адвокат, не можам да си дозволам да отпочне сослушување а да не знам точно што стои во тоа дополнително вештачење.0135 Застапникот на обвинението требало во фаза на истрага да ги расчисти сите факти и околности пред да поднесе обвинение“, вели адвокатот Димитрија Цобоски.
Пендиков имал тешки здравствени проблеми па и овојпат поради повредите на пршлените патувал со болки, кажа неговиот бранител кој не знаеше дали ќе биде во состојба да дојде на следното рочиште, на 12 јули, но знаеше дека исказот ќе го давал на македонски јазик оти тука бил роден и тука се школувал.
„Повредите се тешки и сериозни. Повредите на пршленот на рбетот сѐ уште не му се заздравени и има потешкотии при патувањето“, кажа тој.
Адвокатот Цобоски пак го потсети дека Пендиков е македонски државјанин и има обврска да се јавува на суд а тоа што тој престојувал во Бугарија е, како што рече, негов проблем. На следното рочиште пред судијата Бојан Мартиноски, ќе сведочат и вешти лица од областа на медицината и информатички технологии, како и тројца сведоци. Во Основниот суд во Охрид досега се изведени материјални докази а првообвинетиот Илија Спасески, кој се товари за кривично дело „напад од омраза со тешки повреди“, кажа дека го разбира обвинението, но не се чувствува виновен.
Охриѓанецот Пендиков, сега веќе и бугарски државјанин, во февруари беше пуштен од болницата во Софија, каде што беше однесен на лекување со бугарски владин авион по тепачката во Охрид на 19 јануари. Бугарското министерство за надворешни работи му обезбеди живеалиште во Софија и парична помош. Пендиков, против кого во Македонија има кривична пријава откако при претрес му беше најден кокаин, добил и лично обезбедување од бугарската полиција.
Охридското обвинителство го гони и за омаловажување на македонскиот народ и државата. Тој на свечената церемонија на 10 мај на која се интонираше бугарската химна а потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, му го врачи бугарски пасош, се пожали дека Бугарите како него во Македонија трпат притисоци од македонските власти.