

Во последните 30 години под влијание на природните услови и човековите активности се јавуваат промени во климата во светот, па и кај нас. Според хидрометеоролошките показатели, средната годишна температура е постојано повисока од повеќегодишниот просек, а постои генерален тренд во опаѓањето на количеството на врнежи. Истражувањата на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC, 2021 ) покажуваат дека до средината на овој век глобалната температура ќе надмине затоплување од 1,5°C во однос на втората половина од 19 век. Вчера, температурата на водата во Охридското езеро беше од 25,5 до 26 степени, според податоците на Хидробиолошкиот завод, што е повисоко од просекот за месец јули, кој е околу 20 степени.
Според експертите од ЈНУ Хидробиолошки завод, Охрид слатките води се особено чувствителни на климатските промени, бидејќи се релативно изолирани и физички фрагментирани, а исто така се изложени на бројни антропогени притисоци кои ги забрзуваат процесите на деградација на екосистемите.
„Слатководните екосистеми се чувствителни на затоплување, бидејќи нивните главни карактеристики количината на вода и нејзиниот квалитет, се под силно влијание на атмосферските температурни режими. Така, под дејство на климатските промени ќе дојде до промени во хидролошкиот циклус, односно режимите на површинските и подземните води: зголемено испарување од површинските води, промени во нивото подземните води, промени во количеството и периодот на доток и истек од езерата и слично“, вели за СДК д-р Орхидеја Тасевска, научен советник и директор на ЈНУ Хидробиолошки завод, Охрид.
Температурата на воздухот ја одредува температурата на водата, а со тоа влијае и врз термалната стратификација на езерата, но и врз нивото на растворен кислород кои придонесуваат за квалитетот на водата. Растворливоста на кислородот во водата опаѓа со зголемување на температурата на водата, а ниските нивоа на растворен кислород може да претставува значителна закана за водната биолошка разновидност.
„Значи, сите промени во екосистемите, секако доведуваат и до промени во нивниот биодиверзитет. Стапките на загуба на слатководниот биодиверзитет во последните децении далеку ги надминуваат оние на копнените или морските видови, па дури и глобалното затоплување од 1,5 °C претставува значителна закана за многу слатководни видови и екосистеми кои веќе се на работ на исчезнување“, додава Тасевска.
Фото Петар Боев