Младите стружанчиња го чистеа брегот на Охридското Езеро.Во рамките на проектот „Екологијата, дел од нашата култура“, кој се реализира со поддршка на Министерството за животна средина, се чистеше отпадот на повеќе струшки плажи. Под мотото „ Езерото не е корпа за отпад“, најмладите испратија силни еколошки пораки. Носителите на проектот, Здружението на граѓани „Нова порта“ велат дека преку вакви акции за чистење на најкритичните места вдолж брегот на Охридското езеро се создава убава слика пред бројните туристи кои престојуваат во Струга.
Исчистените плажи, се мапираа со еко знамиња.
„Креирањето на било каква политика поврзана со здрава животна средина е процес којшто почнува од најрана возраст. Тоа значи дека секој еден од нас првите информации ги прима во рамките на своето семејство а потоа и преку образовниот процес. Она што како сознание секој од нас треба да го има е информација која треба да ја добие од семејството и луѓето кои се грижат за животната средина. Ваквите акции ги поддржуваме во цлост во поглед со работа со најмладите кои треба да имаат здрави навики“, вели Никола Кукунешоски од Извидничкиот центар Скаут.
Од спортскиот клуб „Соларис“ кои беа дел од еко-акцијата велат дека ваквите акции пред сѐ имаат едукативна намена, а практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина.
„Како општествено одговорна организација спортскиот клуб „Соларис“ секогаш ги поддржува ваквите иницијативи. Така и денес ја лоцираме важноста на едукацијата на младите спортисти во превенирање на загадувањето на тој начин што ќе се едуцираат да бидат екологисти, да бидат склони кон одржување на чиста животна средина и да се научат како да се справуваат со отпадот кој што не опкружува. Оваа иницијатива ја поддржа нашиот подмладок и реализиравме неколку еколошки акции. Впрочем преку овие акции ги едуцираме младите и вложуваме во утрешнината на екологијата“, вели Коста Хиохи од клубот „Соларис“ Струга.
Во рамките на проектот се реализира и едукативна работилница за подводно чистење на езерото, пред младите беше потенцирана штетноста на отпадот врз ендемичниот свет, што милиони години живее во Охридското Езеро.