

Недопрениот бисер на Преспа, островот Голем град наликува на огромна школка распослана во сината вода, на тромејѓето меѓу Македонија, Албанија и Грција.
Тргнавме од Преспа, а нашите домаќини, претставниците од НП Галичица, ни дадоа насоки за безбедно движење низ островот. На Голем град, единствениот остров во државата кога станува збор за природните езера, има строго определени патеки по кои треба да се движиме низ ретко сочуваната природа,а кои водат до културното наследсво на островот.
До селото Стење стигнавме по копнен пат, а оттаму патувањето го продолживме со чамец. На нешто повеќе од 15 мин возење се појавува импресивна глетка која ве остава без здив. Копно препознатливо по уникатната и атрактивна природа опколено со вода, недопрена и мистична убавина. Возбудата не престанува. Пеликаните кои од вода се издигнуваат над езерската шир ја прават глетката уште повозвишена.
Голем Град се простира на површина од 22 хектари и се наоѓа на околу 2 километри од брегот на езерото односно од така-наречената Пречна планина, дел од планината Галичица. Има елипсовидна форма со должина 750 метри, а широк е 450 метри, со највисок дел од 50 метри над езерото. Од сите страни е заобиколен со карпи високи од 20 до 30 метри.
„Островот Голем град е дел од Националниот парк „Галичица и е строго заштитена зона поради природните и културните вредности кои тој ги поседува. Карактеристично за него е шумата со дива Фоја чиј хабитат се наоѓа на анекс еден од директивата за живеалишта на натура 2000 на Европската унија“, вели Дејан Димиџиевски соработник за животински видови во одделението за заштита на природата во НП „Галичица“.
На белиот карпест брег забележавме посетители, странци кои тука дошле да ја истражуваат реткоста на природата. Авантуристи кои трагаат по нешто ново и снимаат документарци за дивиот свет ширум светот. Ова место кое плени со мистика и величенственост е вистинскиот избор за нив.
„Јас правам документарци за дивиот свет. Ова е едно од посебните места кои сум ги посетил, а сум бил на многу места низ светот. И да тука сме да ги снимаме змиите“, вели фотограф од странство.
„ Овде сме веќе две недели, сакаме да направиме неверојатни снимки од змиите особено водените змии кои ловат околу брегот.И што е важно и убаво ги има навистина многу овде.На секој чекор може да видите змија“, вели снимател на докумнетарци од Германија.
Стигнавме на копното со недопрена убавина. Тука е се онака како што создала природата. Човечка рака како да не допрела. Глетката е уникатна, десетици нијанси на зеленило, растенија, мирис на чист воздух помешан со звукот на езерските бранови, инсекти,пеперутки, тишина….. Преовладува дрвото Фоја. Стеблата се подебели и повисоки од останатите дрвја и токму поради тоа ја презеле доминацијата на дивата природа.
Знаевме дека Островот Голем Град е познат како „Змискиот остров“ поради големиот број змии, но не можевме ни да претпоставиме какво е чувството да се биде толку блиску до нив, да се движиш заедно со нив по иста патека.
НА ОСТРОВОТ ИМА ДВА ВИДА НА ЗМИИ. ВО КАРПИТЕ ДО ВОДАТА ЖИВЕЕ ЗМИЈАТА RIBARKA, КОЈА НЕ Е ОТРОВНА. ВО ГОРНИОТ ДЕЛ ОД ОСТРОВОТ МОЖЕ ДА СЕ СРЕТНЕ ОТРОВНАТА ЗМИЈА ПОСКОК.
„Тука се застапени змијата рибарка која во минатото ја имало во многу поголема популација но за жал поради интензивното риболовење околу островот и поставувањето на рибарски мрежи таа популација е во голем дел намалена. На островот Голем град се наоѓа и популацијата на поскок и при мониторинг на истиот забележани се околу 2000 единки и тое е една од најгустите популации. “, раскажува Димиџиевски.
Најстарите археолошки остатоци укажуваат на човечко присуство од периодот на младото камено време. Најстарата цврста градба на островот потекнува од пред 2.200 години, додека пак најстарите гробови на жителите на островот се уште постари – од пред 2.500 години……
На островот постоел континуиран живот од дваесетина векови и манастирски живот кој се одвивал од X до XIV век. Откриени се седум цркви, а се смета дека постоеле 12. Токму затоа се нарекува и Светиот град. Меѓу пронајдените цркви, особено е интересна онаа која била подигната и живописана во XV век врз темели од римска цистерна за вода.
Понатаму, црквата Свети Петар, која е единствена целосно сочувана црква, а во нејзината близина се наоѓа мал манастирски конак каде во 19 век живееле монаси.
Таа е изградена околу 1360 година, за време на владеењето на царот Волкашин. Нејзината архитектура е добро сочувана, а нејзина реконструкција последно е извршена во 1934 година.
На островот Голем Град има девет археолошки локалитети, главно, остатоци од цркви и станбени објекти.
Последниот жител на островот бил Отец Калист од Србија кој во 1936 година го напуштил островот.
„Преку 2000 години тука имало интензивен живот, најмногу во 4 век и во 14 век од нашата ера. Имаме остатоци на голем дел од цркви и ранохристијански базилики кои датираат од 4 и 5 век, римски куќи. На ова подрачје во тој период живеело горно-македонското племе Орести и изградена е една цистерна која служела за акумулација на водата од островот. Во 14 век се изградени неколку цркви, меѓу кои и црквата Свети Петар и Свети Димитрија за кои се претпоставува дка се градени од истите мајстори“, кажува Димиџиевски.
Се движевме по патеките на кои има поставено информативни табли за да ве водат до најзначајните места на островот. Тишината на мирното сино езеро, помешана со тивкиот ветер и сончевите зраци, единствено ја нарушуваат јатата од стотици корморани. Островот е дом и за патките, ластовиците, пеликаните.
– „Островот е птичји рај. На Преспанското Езеро има 30 посто од вкупната популација на кадровиот пеликан во светски рамки, односно ололу 1500 парови. Тие се гнездат во грчкиот дел од Преспанското Езеро но во летниот период тие се присутни и на македонскиот дел од езерото, посебно околу островот Голем град, каде можат да се забележат и до 1000 единки. На островот се гнезди и колонијата од голем корморан на шумите со дива фоја“ 06 48
Покрај големиот број змии на островот забележително е огромно присуство на желки.
Од 2008 година се врши истражување на популациите на змии и желки на Голем град од страна на тим од научници од Македонија, Србија и Франција. Според досегашните податоци популацијата на желки достигнуваат до 2 000 на само 22 хектари колку што има островот, односно има 100 желки на еден хектар. На една женка има околу 15 мажјаци па поради ваквиот сооднос, и покрај густината, популацијата не е одржлива на долг период.
Јавната уставова НП Галичица од 2010 година спроведува и редовен мониторинг на колонијата голем корморан. Се обележуваат стеблата на кои има гнезда со корморани и се утврдува дали нивната популација се зголемува или намалува. Во последните 3-4 години забележани биле и гнезда на сива чапја. Во 2020 година имало 120 такви гнезда, а минатата година тој број бил преполовен. Оваа година за првпат се изброиле и 150 гнезда од жолтоногиот галеб.
Постојат многу легенди за овој мистичен остров, кој со векови во својата самотија и тишина таинствено сведочи за минатото и ја чува богатата историја и културно наслество. Според една од нив, која мештаните ја раскажуваат, змиите на островот ги донел цар Самоил бидејќи таму било скриено сето негово богатство, а со отровните змии тој го штител своето злато од непријателите.
На крајот на денот по истите патеки се спуштивме до брегот. Нашите домаќини од НП Галичица, ни најавија дека оваа година ќе се обноват знаците низ островот за да се обезбеди поголема видливост на патеките во бујната вегетација.
Ги оставивме птиците, змиите и желките во нивниот прекрасен див свет, а ние заминавме исполнети со несекојдневни впечатоци од она што го видовме и доживеавме на островот, бисерот на Преспа исполнет со мир и ретка убавина.
ВИДЕО: