Со концерт вечерва почнува забавниот дел на Ohrid Water Fest

Со концерт на поп пејачот Ѓоко Танески денес започнува богатата забавно-едукативна програма на големата промотивно спортска манифестација „Ohrid Water Festival“ во која се опфатени и 17 спортски настани.
Концертот почнува во 20 часот пред платото на хотелот „Палас“ каде ќе се одвиваат и сите настани од забавно-едукативнaта програма на фестивалот, во периодот од 19 до 23 часот.

Програмата продолжува утре со изложбата „Флора и фауна од Охридско Езеро“, во организација на Клубот за подводни дејности „Охрид“, додека во организација на НК „Акватек“ ќе се одржи изложбата „Потонато културно историско богатство“. За музичкиот дел од вечерта ќе се погрижи диџеј Ванчо Плеј.

На 23-ти август, среда, во текот на денот од 10 до 14 часот ќе биде организиран отворен ден во ЈНУ Хидробилошки Завод. Во 20 часот ќе се одржи панел дискусија на тема „Охридското Езеро-валоризација на вредностите како пат кон идните бенефити“исто така во организација на ЈНУ Хидробилошки Завод. Во рамки на музичкиот дел од вечерта, ќе настапи диџеј Багзи.

Во четврток, 24 август, ќе бидат поставени изложбата „Почетоците на веслањето во Охрид“ во организација на ВК Горица Ремо – Петар Паунче Скитник, како и изложбата „Победници на Охридскиот пливачки маратон низ времето“ во организација на ПК „Охридски Бранови 2008“. Посетителите оваа вечер ќе ги забавуваат „Балканикос Бенд“ и „Жармена Бенд“.

Изложбата „Рибите од Охридското Езеро“ ќе биде поставена за посетителите на 25 август и истата е во организација на Здружението на риболовци „Св. Апостол Петар“. Истиот ден во организација на ОФВ и SLOW FOOD Охрид ќе се одржи промоција на охридска и македонска традиционална храна и пијалоци. Предвидена е и промоција на водени спортови. За добрата атмосфера ќе се погрижи ДЏ Rootboy Selector.

Денот кога е предвидено одржувањето на Охридскиот пливачки маратон, 26 август, продолжува програмата од претходниот ден со изложбата „Рибите од Охридското Езеро“, како и промоцијата на охридска и македонска традиционална храна и пијалоци, и промоција на водените спортови. За музичкиот дел задолжен е „Ансамбл Билјана“.

Првото издание на спортската манифестација „Ohrid Water Festival“ завршува на 27 август со концерт на Камерниот битолски оркестар „Рок Симфонија“.

Сите настани од социјално-едукативната програма ќе се одвива пред платото на хотелот „Палас“ и се бесплатни за посетителите.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани