Започна Меѓународниот ракометен турнир во Охрид

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, вчера беше дел од свеченото отворање на Меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“ кој во организација на ГРК „Охрид“ и Општина Охрид, се одржува во СРЦ „Билјанини Извори“.

Покрај домаќините, на ракометниот турнир, учествуваат клубовите „Бешикташ“ (Турција), „Олимпијакос“ (Грција), „Металопластика“ (Србија), „Татран Прешов“ (Словачка), како и македонските екипи „Еурифарм Пелистер“, „Голден Арт“, и „Бутел“.

Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Пецаков истакна дека Локалната самоуправа секогаш ќе биде подготвена да поддржи вакви спортски манифестации кои го привлекуваат вниманието на публиката и даваат придонес во равојот на Охрид како спортски центар.

– Ракометот не е само игра, тоа е предизвик кој бара многу вложување, соработка и посветеност. Ракометот не е само спорт, ракометот за мене е начин на живот. Ракометните достигнувања, спортскиот ентузијазам и сите успеси имаат оставено длабока трага врз мене и секако се заслужни за мојот емотивен однос кон се што е поврзано со овој спорт. 

Ценети гости, драги љубители на спортот, верна ракометна публико!

Како поранешен ракометар чувствувам огромно задоволство да бидам дел од свеченото отворање на овој меѓународен турнир кој се организира во чест на едно славно ракометно име, нашиот охриѓанец Крсте Андоновски.

Со својот придонес на теренот како играч и лидер, тој останува вечна инспирација за сите нови генерации и со право може да се вброи во групата на големи ракометни легенди не само во Охрид туку и во Македонија. Ракометните легенди се оние кои поставуваат нови стандардиоставаат трајни наследства и незаборавни моменти во ракометната историја.

Се радувам што славејќи го и почитувајќи го ова легендарно име создаваме една нова приказна која се надевам дека ќе прерасне во една убава традиција и дека ќе биде од големо значење за развојот и унапредувањето на ракометот на локално и национално ниво.

На наша голема радост оваа година ракометниот турнир се издига на едно повисоко ниво и го поставува Охрид на мапата на големи спортски случувања. Горди сме што годинава ни гостуваат осум екипи од пет држави и тоа што на теренот ќе заиграат врвни ракометни таленти, кои зад себе имаат големи спортски успеси. Се надевам дека овој турнир ќе ни овозможи да размениме професионални искуства, да ги зголемиме нашите пријателски врски и да создадеме незаборавни спортски спомени.

Верувам дека сите натпревари ќе се одиграат со ведар и спортски дух и со голема почит помеѓу противниците. Секој гол, секој успешен напад, секоја ефикасна одбрана нека создаваат незаборавна атмосфера за публиката и нека бидат причина за радост и прослава.

Со желби за успешни натпревари и одлични резултати, на сите гости им посакувам пријатен престој во Охрид и им упатувам покана да уживаат во уникатните природни и културни богатства со кои располага нашиот туристички бисер, истакна Пецаков во своето обраќање на свеченото отворање на турнирот.

Согласно предвидениот натпреварувачки систем, натпреварувачките екипи ќе бидат поделени во две групи и ќе бидат одиграни вкупно 16 натпревари. Според планираното, Финалниот натпревар за трофејот на турнирот ќе се одигра на 26-ти август во 20.15 часот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани