Промовирана книгата „За Македонистиката отворено“

Како дел од чествувањата по повод 23 Октомври- Денот на Македонската револуционерна борба, денеска во големата сала на Општина Охрид беше промовирана книгата „За Македонистиката отворено“ од авторите Свето Стаменов и Димитар Пандев, која е издадена под покровителство на Општина Охрид.

На свечената промоција свое обраќање пред присутните имаше секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

Македонскиот јазик е најсилниот заштитник на нашата култура и нашите историски корени. Неговиот развој е нераскинлив дел опстојувањето на Македонскиот народ и ја одржува нашата свест за сопствениот идентитет и богатото наследство.

Токму затоа, ми претставува особена чест и задоволство што имам можност да бидам дел од оваа свечена промоција на уште една нова книга, која е издадена со поддшка на Општина Охрид и која има за цел да го вреднува Mакедонскиот јазик и литература.

Во време кога се соочуваме со сите политички предизвици поврзани со нашиот идентитет, книгата „За Македонистиката отворено“ нека биде еден мал чекор од големата заедничка мисија за чување на Македонскиот јазик за новите генерации Македонци.

Оваа книга е од исклучително значење за познавачите на јазикот, лингвистите и сите кои се интересираат за разнообразиот и богатиот свет на Македонскиот јазик. Преку разговорите помеѓу авторите, страница по страница, со едноставен и ненаметлив стил, се раскажува за дејноста на Свети Климент Охридски, Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, Григор Прличев, Кочо Рацин и за сите важни аспекти од различни етапи на еволуцијата на Македонскиот јазик.

Верувам дека ова книжевно дело ќе продолжи да го презентира Македонскиот јазик на светската лингвистичка сцена и ќе ја зацврсти неговата улога како средство за промоција на богатата македонска култура и историја.

Во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков упатувам искрени честитки до авторите Свето Стаменов и Димитар Пандев, со надеж дека и во иднина ќе продолжат да даваат свој придонес за Македонското слово и Македонскиот јазик и ќе продолжат да не даруваат со вакви вредни изданија.

Почитувани, оваа можност ја користам да го честитам 23-Октомври-Денот на Македонската револуционерна борба и Јубилејот-130 години од формирањето на Македонската револуционерна организација. Да продолжиме да го славиме и чествуваме споменот на хериоите кои имаа визија и храброст да се борат за својата татковина. Нека бидат наша вечна инспирација и да продолжиме гордо да чекориме по нивниот пат. Нека е вечен Македонскиот јазик, нека е вечна Македонија, истакна Китески во своето обраќање.

Промоторот и рецензент на книгата, доц. д-р Бобан Карапејоски појасни дека одликите на ова литературно дело може да се сублимираат во три клучни искази и фрази: говорена форма на научниот стил, радиоучебник и интервју предавање.

Всушност, книгата За македонистиката отворено“ од авторите Свето Стаменов и Димитар Пандев во себе крие исклучително интересен жанр, кој во друга форма се појавувал во македонската и во светската литература. Имено, станува збор за радиоразговори, во кои авторот на емисиите Quo vadis и „Актуелно“, како и на саботниот „Радио Спектар“ на Македонското радио – Радио Скопје, Свето Стаменов, разговара со проф. Пандев на теми поврзани со македонскиот јазик, неговата историја, развојот, но и за современите состојби што се појавуваат како предизвик за македонската наука за јазикот и науката за јазикот на македонски јазикпотенцираше Карапејоски.

Тој упати пофални зборови до авторите на книгата, уредникот Митре Велјаноски и Општина Охрид, која во континуитет ги поддржува ваквите изданија.

Содржината на книгата е сместена на 360 страни и во неа се опфатени разговори за сите истакнати македонски литературни дејци, за најновото издание на Правописот, за Законот за јазиците, за најновата бугарска антимакедонска кампања која го негира и постоењето на македонскиот јазик, за предизвиците пред кои е исправен нашиот македонски јазик.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани