

Лошо е кога луѓе кои не живеат во Охрид, пишуваат за нереализирани проекти во Охрид. Претпоставувам дека многу полошо е чувството да си принуден истото да го читаш, иако знаеш дека тоа нема допирна точка со реалноста, впрочем тоа е забележително и од фацијалните експресии, стои во реакцијата на општина Охрид, по обвинувањата на Крлеска.
-Општина Охрид и Јавните претпријатија кои произлегуваат од општина Охрид ги затекнавме во очајна состојба. Презадолжени и работење во загуба. Но со план и визија, за 2 години јавните претпријатија ги консолидиравме и од загубари ги претворивме во самоодржливи. Притоа обновувајќи дел од механизацијата и набавка на нова. Општина Охрид е на прагот да се раздолжи и после многу години се овозможува нејзино нормално функционирање. Иако презадолжени, ги реализираме ветените проекти и некои други кои произлегуваат од секојдневната комуникација со граѓаните, паралелно враќајќи ги и долговите кои ни ги оставивте. Со вас можам да се сложам дека немаме изградено само 4 терени за баскет, туку се многу повеќе. За илустрација, многу повеќе отколку што во годините кои сте на власт има изградено Агенцијата за млади и спорт. Ама не се само терените што се повеќе, туку тука се и реконструкциите на основните и средните училишта и сите објекти на градинката, бидејќи градинката не е само централниот објект. За волја на вистината катната гаража и плоштадот „Крушевска република“ не се изградени, затоа што кога воочивте дека оваа Локална власт има капацитет и можност самостојно да реализира капитални проекти веднаш почнавте да поставувате сопки. Две години не издавате одобрение за градба и претходно конзерваторско мислење. Како никоја претходна локална власт, сме посветени на поддршката и помошта на сите категории лица со посебни потреби. Во просториите на поранешната касарна отворивме Дневен центар за лица со церебрална парализа, воведовме стипендии, даваме финансиска поддршка, материјална и секоја она што им е потребна, а која произлегува од секојдневната комуникација со нив. Нешто што за вас е незамисливо, да се комуницира со луѓе. Иако не ветивме во предизборната кампања, работевме на создавање на услови за отворање на нови производствени погони на странски компании, кои значат нови вработувања и подобрување на пазарот во градот. Едната е словенечка и таа се занимава со производство на пловни објекти на сончева енергија и воздушни подлоги за гимнастика од кои веќе донираа во две училишта, и една германска за производство на печки на пелети. Навистина е дегутантно да се дебатира со вас за реализација на проекти, имајќи предвид дека пред почетокот на туристичката сезона го затворивте влезот на Охрид со изговор дека тоа е за добро на Охриѓани и дека се прави за што поскоро да завршат градежните активности на фамозниот автопат Кичево – Охрид, за да вчера изјавите дека повторно рокот за негова изградба ќе го пробиете и дека постои веројатност никогаш да не го завршите. Кога обвинувате за неспособност погледнете си го сопствениот двор, стои во реакцијата на општина Охрид.