ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ го одбележа патрониот празник

Синоќа ОЕМУВ „Св. Наум Охридски“   го одбележа патрониот празник. Училиштето кое гордо го носи името на  еден од најголемите македонски учители и носители на христијанството низ вековите.
-Токму поради величината на овој светец и учител, за неговите дела и заслуги, нашето училиште го носи неговото име, а ние, како потомци на неговата мисија, со гордост го чествуваме и го славиме. Свети Наум, како најблизок ученик на солунските браќа свети Кирил и Методиј претставува најдобар пример за идните генерации како треба да се чува духот на сесловенството. Затоа треба во срцето да го носиме споменот за епохалното значење на словенскиот правоучител, мисионер, неуморен проповедник, патрон на нашето училиште – Свети Наум Охридски. Од првата индустриска револуција, со откривањето на парната машина, луѓето го разбраа потенцијалот за примена на технологијата во индустрискиот сектор. За напредок низ историјата видовме многу големи дополнувања на овој сектор, како што се користењето на електричната енергија, линиите за склопување, компјутерите или роботиката се некои од достигнувањата што се случија во последните векови, за да сме сега на прагот на петтата индустриска револуција или Индустрија 5.0. Сите тие се со цел да се подобри продуктивноста и ефикасноста во фабриките, велат од ОЕМУЦ „Св. наум Охридски“.
За секоја промена е потребен добро обучен кадар. СТЕМ образованието и основните вештини во новата технологија се клучни за работа во фабриката 5.0 во иднината. Всушност, за Индустрија 5.0 се појавува нова професија, нова фигура како што е главниот директор за роботика. Ова е личност специјализирана за интеракција човек-машина. Тој треба да има големо знаење во области како што се роботика или вештачка интелигенција.
Остатокот од операторите и другите вработени исто така мора да имаат особено познавање на новите технологии.
За постигнување на оваа цел потребно е воведување на таканаречено СТЕМ-образование. СТЕМ е акроним кој се однесува на наука (Science), технологија (Technology), инженерство (Engineering) и математика (Mathematics) и е многу повеќе од учење факти. Тоа е образование што го подготвува детето за живот во дигиталниот век. Преку СТЕМ децата учат како да бидат адаптивни, како да се соочуваат со неочекувани предизвици и како да ги применуваат своите знаења во различни контексти.
Затоа СТЕМ-едукацијата не е само модерна фраза или тренд во образованието. Таа е основна потреба за подготовка на нашите деца за светот што нè очекува. Со подготовка на младите умови во СТЕМ, ние не само што инвестираме во нив, туку и во нашата заедничка иднина.
-Особено сме горди и можеме со право да се пофалиме дека со поддршка на локалната самоуправа и МОН значително се подобрени и унапредени условите за престој и учење на нашите ученици во Центарот и полека, но сигурно прераснуваме во модерен обучен центар за целиот југозападен регион на формалното, но и на неформалното образование за обука и преквалификација на возрасните. Голема е честа и одговорноста да сме дел од процесот на воспитување и образование на младите кои се иднината на нашето општество. Затоа, во стилот на големиот филозоф Платон би додал: „Не терајте го детето да учи со сила или строгост, туку насочете го со тоа што го возбудува неговиот ум, за подобро и поточно да ја откриеш генијалноста свиена во секое од нив.“
Да ни е вековит денот на училиштето – „Св. Наум Охридски“, рече директорот на училиштето.
Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани