Возачките дозволи без „Северна“ нема да важат после 12 февруари

Возачките дозволи во кои не е новото уставо име Северна Македонија нема да важат после 12 февруари ни во земјава, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР). Според соопштението, од 13 февруари ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија.

„Министерството за внатрешни работи ќе постапува согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија. Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета“, велат од МВР.

Во соопштението не е наведено зошто нема да важат возачките дозволи, а ќе важат личните карти чиј датум не е истечен. САКАМДАКАЖАМ.МК побара објаснување од техничкиот министер Панче Тошковски.

„Затоа што така е според Законот за безбедност во сообраќајот“, кусо ни одговори Тошковски.

Собранието на 1 јуни 2021 го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, според кој во Член 5 се вели: „Возачките дозволи и возачките книшки, кои го содржат натписот ‘Република Македонија’ издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во возачката дозвола, најдоцна до 12 февруари 2024 година“.

Сепак, многумина граѓани велат дека иако ги регистрирале колите дури во декември 2023, сепак или не им биле сменети сообраќајните дозволи, или па им биле издадени нови без „Северна“.

За личните карти законот не е сменет, бидејќи е заглавен во Собранието.
Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани