Почнуваат Божиќните пости

Од денска до 06 Јануари траат Божиќните пости. Овие пости траат шест недели и се во чест на раѓањето на Господ  Исус Христос. Божиќниот пост завршува на Бадник, предвечерието на Рождеството Христово, со посна вечера.

Постот подразбира   воздржување од храна (или само некои видови на храна) во оние денови кои се одредени според каноните односно Црквата. Постот и молитвата ги осветил и ни ги подарил Господ, Исус Христос, од времето кога постеше во пустината четириесет дена и четириесет ноќи и често се повлекуваше насамо на молитва. Оттогаш пa наваму, постот и молитвата во Црквата се запазуваат и се живеат како една од нашите најголеми светости.

Според МПЦ телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот пост. Нема вистински пост без покајание и плач, без смирение, без молитва, без трпение, без љубов и милост кон ближните и без другите Свети Добродетели. Од телесниот пост духовниот отец, може да не разреши, но од духовниот пост – никој, па дури ни ангел од небото. Духовниот пост е самата суштина на христијанското живеење и постоење во Црквата. Сепак и телесниот пост многу го помага духовниот. На пример, многу помага за да се вежбаме во трпение, смирение и молитва, да владее во нас дух на покајание, а покрај тоа, од она што би го заштедиле постејќи, можеме да им дадеме милост и помош на сиромасите. Кога вака правилно би се разбрал постот, веруваме дека не би постоел христијанин кој би можел да се оправда ако не го држи постот.

 Основата врз која се појавил Божикниот пост бил постот спроти празникот Богојавление, кој во Црквата се празнува од III век, а во IV век бил поделен на празниците Рождество Христово и Крштение Господово. Божикниот пост започнува на 15/28 ноември и трае до 25 декември/7 јануари, односно 40 денови, поради што во Типиконот, како и Великиот пост, се нарекува Четириесетница. По зборовите на блажен Симеон Солунски, „постот на Божикната Четириесетница го изобразува постот на Мојсеј, кој откако постел 40 денови и 40 ноќи, ги добил на камени табли Божјите заповеди. А ние, постејќи 40 денови, го созерцуваме и го примаме живото Слово од Дева, изобразено не на камења, туку воплотено и родено, и се приопштуваме на Неговата Божествена плот“. Божикниот пост е установен за да се очистиме за денот на Рождеството Христово преку покајание, молитва и пост, за со чисто срце, душа и тело да можеме благоговејно да Го сретнеме Божјиот Син, Кој дојде во светот и за Нему да Му го принесеме нашето чисто срце и решеност да го следиме Неговото учење.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани