Дебелината – тивка епидемија Сè повеќе луѓе со прекумерна тежина

Дебелината одамна не е  само естетски проблем. Денес таа претставува еден од најсериозните јавно-здравствени предизвици, како во светот, така и во земјава, со директни последици врз квалитетот на животот, здравствениот систем и иднината на новите генерации.

Според лекарите, бројот на лица со прекумерна телесна тежина е во континуиран пораст, а загрижува фактот што дебелината сè почесто се јавува и кај децата и адолесцентите.

„Дебелината денес навистина претставува голем јавно-здравствен проблем, не само во светот, туку и кај нас. Таа веќе не е само естетско нарушување, туку хронично заболување кое е ризик-фактор за појава на бројни други болести.“ вели д-р Кристина Митреска, матичен лекар – специјалист по семејна медицина.

Прекумерната телесна тежина значително го зголемува ризикот од појава на сериозни заболувања. Лицата со дебелина многу почесто се соочуваат со дијабет тип 2, покачен крвен притисок, покачени масти и липиди во крвта, што води кон метаболен синдром и кардиоваскуларни заболувања. Чести се и проблемите со ’рбетот и зглобовите, како и хормонални и репродуктивни нарушувања.

Не помалку значајни се и психолошките последици, кои се манифестираат преку намалена самодоверба, анксиозност и депресија.

„Лицата со прекумерна телесна тежина имаат зголемен ризик од дијабет тип 2, хипертензија, покачени масти во крвта, кардиоваскуларни заболувања, но и психички проблеми поради намалената самодоверба и анксиозност.“ додава д-р Кристина Митреска

Особено загрижува трендот на пораст на дебелината кај децата и младата популација. Главни причини за ова се прекумерната употреба на екрани, недоволното движење и лошите прехранбени навики.

„Загрижувачко е тоа што децата кои имаат прекумерна тежина во детството, најчесто ја задржуваат и во адолесценцијата и во зрелата возраст, што значи и ран почеток на хронични заболувања.“
д-р Кристина Митреска.

Во обидите за слабеење, многу луѓе прават исти грешки – применуваат брзи и строги диети, исклучуваат цели групи на храна или користат „чудотворни“ суплементи, што најчесто резултира со јо-јо ефект и нарушување на метаболизмот.

Решението, според лекарите, е во долгорочна промена на животниот стил.

„Диетата не значи казна, ниту измачување. Таа не е краток период на гладување, туку одржлив и долгорочен начин на исхрана, со правилно избалансирани макро- и микронутриенти, кој овозможува постепено и здраво намалување на телесната тежина.“ подвлекува д-р Кристина Митреска

Како дополнителни клучни чекори во борбата против дебелината, се издвојуваат редовната физичка активност, подобрувањето на квалитетот на сонот и намалувањето на хроничниот стрес.

Новинар Соња Рилковска

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани