Седмата седница на Советот на Општина Охрид ќе се одржи на 27 февруари (петок) со почеток во 09:00 часот во зградата на Општината.
На дневниот ред се вкупно 19 точки. Советниците најпрво ќе ги усвојуваат записниците од претходните две седници, а потоа ќе расправаат за повеќе одлуки поврзани со ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, меѓу кои утврдување на вредноста на бодот за пресметка на платите, како и предлог за зголемување на надоместокот за престој на децата што го плаќаат родителите.
Предвидено е и разгледување на извештајот од годишниот попис, како и одлуки за отпис на побарувања, обврски и расходување на основни средства на Општината.
На седницата ќе се најдат и точки поврзани со поставување фотоволтаични централи на општински објекти преку јавно-приватно партнерство, како и постапки за присоединување на ЈП „Градски пазар“ кон ЈП „Градски гробишта“ и започнување ликвидација на ЈП „Погребни услуги“.
Советниците ќе расправаат и за проценка на штети од голомразица, програма за заштита на населението од заразни болести, развојната програма за системи за водоснабдување, измени во програмата за урбанистички планови, како и за подигање спомен-парк посветен на Шестата македонска бригада и народниот херој Михајло Митев Апостолски.
