Гевгелија домаќин на изложбата „Апис Арт“

Во рамките на програмата на Престолнина на културата за 2025 година, градот Гевгелија ќе биде домаќин на свеченото отворање на изложбата „Апис Арт – Пчелна уметност“, чиј автор е доц. д-р Филип Цветковиќ. Отворањето на изложбата е закажано за вторник, 26 август 2025 година, со почеток во 21.00 часот, во просториите на Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија.

Изложбата „Апис Арт“ претставува единствен уметнички концепт кој ја спојува научната рефлексија со визуелната естетика, преку теми инспирирани од животот на пчелите – како симбол на општествената кохезија, трудољубивоста и биолошката рамнотежа, но и како потсетување на сe поголемите еколошки ризици со кои се соочуваат. Овој проект ја тематизира пчелата не само како природен феномен, туку и како културен знак, длабоко вкоренет во митологијата, уметноста и еколошката мисла на современото доба.

Преку визуелниот идентитет, доц. д-р Филип Цветковиќ воспоставува дијалог меѓу природата и современата уметност, поттикнувајќи ја публиката на подлабоко размислување за значењето на зачувувањето на биодиверзитетот и хармонијата во рамките на еко-системот. Делата изложени во галеријата „Амам“ ја визуализираат естетиката на пчелните структури, но и симболичките слоеви поврзани со заедништвото, трудот и одржливоста.

Изложбата е отворена за јавноста и ќе биде достапна за посетителите во наредните денови.

Ги повикуваме сите заинтересирани граѓани, љубители на уметноста, екологијата и културата, како и претставниците на медиумите, да присуствуваат на свеченото отворање и да бидат дел од овој несекојдневен уметнички настан кој на уникатен начин ја спојува научната и визуелната имагинација.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани