„Говорна куќичка“ – нов логопедски едукативен кабинет во Струга

Со љубов кон работата со деца и силна желба да помогне таму каде што е најпотребно, Васка Костојчиноска од Вевчани ја реализираше својата професионална и животна визија – отворање на логопедски едукативен кабинет под името „Говорна куќичка“ во Струга.

По завршувањето на средното медицинско училиште во Струга, Костојчиноска се запишала на Медицинскиот факултет во Скопје, насока логопедија, каде дипломирала, а потоа ги завршила и специјалистичките студии и се стекнала со звањето клинички логопед – специјалист. За време на студиите стажирала во ЈЗУ Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација во Скопје, каде работела под менторство на проф. д-р Силвана Филипова – искуство што, како што вели, имало клучно влијание врз нејзиниот професионален развој и пристап кон работата.

Поради ограничените можности за државно вработување, одлучила да започне приватна пракса. Преку социјалните мрежи брзо станала препознатлива, а првите логопедски третмани ги реализирала во својот дом во Вевчани, работејќи со деца со доцнење во говорно-јазичниот развој, нарушен изговор и артикулација на гласовите. Позитивните резултати и довербата од родителите биле силен мотив за следниот чекор.

Преку програмата за самовработување аплицирала со проектот „Говорна куќичка“, а денес тој проект е реалност. Кабинетот беше официјално отворен на 3 јануари, како простор наменет за деца од струшкиот и охридскиот регион.

Во „Говорна куќичка“ се работи на поттикнување и развој на говорот, правилен изговор и артикулација, развој на фонолошка свесност, збогатување на речникот, градење реченици, разбирање и следење инструкции, подобрување на орално-моторните и комуникациските вештини, како и подготовка на деца за училиште, со посебен акцент на говорно-јазичната подготвеност.

„Говорна куќичка“ е замислена како топол, безбеден и охрабрувачки простор, каде секое дете се прифаќа со своето темпо на развој, без притисок и споредби, преку игра, трпение и индивидуален пристап. Како што порачува Костојчиноска, тоа е место каде детскиот говор расте со љубов и грижа, а секое дете добива можност да го пронајде својот глас.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани