Јованчо Мечкароски е именуван за нов директор на ЈП „Водовод и Канализација“ – Струга.
Мечкароски е магистер по банкарски финансии и менаџмент, со повеќе од десетгодишно професионално искуство на раководни позиции. Во текот на својата кариера бил ангажиран во организирање на работните процеси, управување со тимови и зголемување на институционалната ефикасност, при што покажал изразени организациски и менаџерски способности.
Од Општината информираат дека ова именување е дел од поширока стратегија за зајакнување на раководните капацитети во јавните претпријатија и подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните.
Во соопштението се упатува и благодарност до досегашниот вршител на должноста директор, Меџаит Јусуфоски , кој изминатите два месеци раководеше со претпријатието.
„Со својата посветеност и професионален пристап, тој успеа да ги удвои приходите од фактурирање на услугите, овозможувајќи за краток период да се постигне она што со години не било реализирано“, стои во информацијата од Општина Струга.
