Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, заедно со делегација на Општина Охрид, оствари официјална посета на Стар Град Белград, каде се одржа работна средба со претседателот на општината, Радослав Марјановиќ.
На средбата се разговарало за официјализирање и продлабочување на меѓуопштинската соработка, со посебен акцент на размена на искуства во областа на локалниот економски развој, туризмот, промоцијата на културното наследство, урбанистичкото планирање и образованието.
Градоначалникот Пецаков потенцира дека посетата претставува значаен чекор кон градење стабилни партнерски односи меѓу двете општини.
„Чест ми е што денеска, заедно со делегација на Општина Охрид, остваривме официјална посета на Општина Стар Град Белград. На работна средба со претседателот на општината, Радослав Марјановиќ разговаравме за официјализирање и продлабочување на меѓуопштинската соработка, со посебен акцент на размената на искуства во областа на локалниот економски развој, туризмот, промоцијата на културното наследство, урбанистичкото планирање и образованието. Изразивме подготвеност за воспоставување долгорочни партнерски односи, насочени кон размена на добри практики и реализација на заеднички проекти од значење за граѓаните. Ваквите средби се од исклучително значење за унапредување на меѓуинституционалната соработка и отворање нови можности за развој на Охрид“, истакна Пецаков.
Во рамки на посетата, делегацијата од Охрид заедно со домаќините посетила и неколку капитални проекти кои се реализираат во Стар Град Белград, при што се запознале со тековните инфраструктурни зафати и современите пристапи во развојот на урбаната средина.
Од Општина Охрид оценуваат дека ваквите средби отвораат простор за нови иницијативи и конкретни заеднички проекти, кои ќе придонесат за економски и културен развој на градот.



