Охридската библиотека ќе го одбележи Денот на македонскиот јазик

По повод Денот на македонскиот јазик во понеделник на 5 мај од 12 часот НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид организира пригодна свеченост.

Премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „80 години македонска современа азбука – кирилица“. Автори се ученици од ООУ „Братство – Единство“ под менторство на наставничките по македонски јазик: Љубинка Михајловска, Маја Гугоска – Дулеска и Сара Серафимоска.

Ученичката Ана Томовска од истото училиште ќе чита извадоци инспирирани од вековната борба за македонскиот јазик и македонската самостојност од Кочо Рацин и Крсте Петков – Мисирков а на виолина песната „Охрид, Охрид, убав, мил“ ќе ја изведе ученичката Бисера Радеска од одделението на наставничката Елизабета Здравеска.

На настанот ќе настапат и група ученици од ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец и Косел со инструментална изведба на блок флејти на познатата македонска песна „Битола  мој роден крај“ во придружба на виолина на наставникот по музичко образование Тони Ѓорѓиески.

Пригодно обраќање ќе има и в.д. директорката на Библиотеката Христина Трпеска, a библиотекарот Милчо Јованоски ќе го претстави Реткиот македонски фонд ( 1944- 1950 ) кој љубоморно се чува во депото на Библиотеката.

Посебна покана до сите наставници и професори по македонски јазик и литература од Охрид , за заедно да го одбележиме денoт.

Да се потсетиме: Точно пред 80 години на 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а на 7 јуни,истата година Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.

Потоа следуваат и основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик и наука за јазикот, Блаже Конески: Граматика на македонскиот јазик, Речник на македонскиот јазик и Историја на македонскиот јазик, со што се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик.

Создавајќи ја македонската држава, АСНОМ особено го истакна и постоењето на македонскиот јазик како клучен елемент на постоењето на македонската нација.

Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем.

Владата на Република Северна Македонија во 2019 година донесе одлука 5. мај да биде прогласен за Ден на македонскиот јазик, во чест токму на ова решение.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани