Охридски гимназијалци на Еразмус мобилност во Шпанија

Домаќин на последната мобилност во рамки на Еразмус+ проектот „Europe: We are the colors of the rainbow“ беше училиштето Colegio San Juan y San Pablo од Иби, Аликанте, Шпанија.

Проектот, реализиран во рамки на програмата Erasmus+, е посветен на културното наследство и УНЕСКО вредностите, а покрај Македонија учествуваат и Италија, Грција и Турција.

Охридската гимназија ја претставуваа Андреа Влаќеска, Јована Крстаноска и Калин Христов, во придружба на психологот Алберта Гулицовска и професорот Михаил Патчев.

Во рамки на богатата програма, учениците учествуваа во ликовни активности и создавање уметничка инсталација, како дел од традицијата на фестивалот на огнот – Фаљас. Повеќевековната традиција симболизира прочистување, благодарност и нов почеток.

Покрај уметничките активности, следуваше и запознавање со музичката и фолклорната традиција, како и посети на најзначајните културно-историски локалитети во Валенсија, Елче и Аликанте.

Во Валенсија учениците го посетија Градот на науките и уметностите, архитектонскиот комплекс на Сантјаго Калатрава, Океанариумот, како и историските кули Торес де Серано и Торес де Кварт.

Во Елче ја разгледаа најголемата палмова шума во светот и познатата скулптура „Дама од Елче“.

Еразмус мобилноста претставуваше искуство на учење, културна размена и создавање трајни пријателства, со што охридските ученици уште еднаш се покажаа како вистински амбасадори на културата.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани