Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, присуствуваше на традиционалниот маскенбал „Емшири 2026“ што се одржа во Велгошти, по повод големиот верски празник Велики Поклади – Прочка.
На настанот, дечињата со своите разнобојни и креативни маски создадоа вистинска празнична атмосфера, исполнета со радост и детска енергија. Општина Охрид за сите учесници обезбеди пригодни подароци како знак на поддршка и поттик за зачувување на традицијата.
„Ми беше особено задоволство да бидам дел од прекрасниот маскенбал ‘Емшири 2026’ во Велгошти, по повод големиот верски празник Велики Поклади – Прочка. Дечињата со своите разнобојни и креативни маски донесоа насмевки и вистинска празнична атмосфера. Со искрени желби за здравје, меѓусебно почитување, прошка и духовен мир, на сите граѓани им го честитам празникот Велики Поклади – Прочка. Нека овој празник не потсети дека заедништвото, љубовта и семејната топлина се најголемите вредности што треба да ги негуваме секој ден. Нека е за многу години!“, порача Пецаков.
Маскенбалот „Емшири“ е дел од традиционалното одбележување на Прочка, празник кој симболизира прошка, заедништво и духовно прочистување пред почетокот на Велигденските пости.



