Во Охрид, на 19 февруари 2026 година (четврток), ќе се одржи проекција на играниот филм „Диџеј Ахмет“, со почеток во 20:00 часот, во просториите на Филмскиот институт ФИОФА – Охрид при Универзитетот „Св. Апостол Павле“. Влезот за публиката ќе биде отворен од 19:30 часот.
Филмот ја раскажува приказната за 15-годишниот Ахмет, Јурук од оддалечено македонско село, кој своето прибежиште го пронаоѓа во музиката. Соочен со семејните очекувања, строгите правила на заедницата и забранетата љубов, Ахмет се обидува да го изгради сопствениот идентитет и да го следи својот сон. „Диџеј Ахмет“ отвора важни прашања за растењето, слободата на избор и судирот меѓу индивидуалните желби и традиционалните норми.
Режијата и сценариото се на Георги М. Унковски, а во филмот настапуваат Ариф Јакуп, Агуш Агушев и Дора Акан Златанова.
Цената на билетот изнесува 200 денари, а местата се ограничени. Билетите може да се набават во Кафе Бар „Шила“ до денот на проекцијата или на влез пред почетокот на филмот.
Настанот се реализира во организација на Културолошка иницијатива 5 до 12, во рамки на програмските активности насочени кон поддршка и промоција на современата филмска продукција и отворање простор за културен дијалог во заедницата.
