Општина Охрид и годинава е дел од 47-то издание на Меѓународниот саем за туризам во Белград, кој се одржува под слоганот „Едно патување, илјада приказни“, со учество на повеќе од 350 излагачи од 18 држави.
Заедно со Министерството за култура и туризам, ХОТАМ и други туристички чинители, охридската делегација ја презентира богатата туристичка понуда на градот пред туроператори, медиуми и претставници на туристичкиот сектор од регионот. Градоначалникот Кирил Пецаков остварил средби со туроператори, пријателски општини и со амбасадорот на Република Македонија во Србија, Никола Тупанчески, со цел зајакнување на соработката и привлекување нови туристи во Охрид.
„Големо задоволство е што и оваа година Охрид е дел од Меѓународниот саем за туризам во Белград, каде ја претставуваме нашата богата туристичка понуда пред регионалниот пазар. Преку средбите со туроператори, институции и претставници на туристичкиот сектор ја зајакнуваме соработката и создаваме нови можности за привлекување туристи во нашиот град. Специјалната повелба што ја добив претставува признание за гостопримството и заедничкиот придонес на сите чинители во развојот на туризмот. Остануваме посветени на континуирана промоција на Охрид како атрактивна и конкурентна туристичка дестинација“, истакна градоначалникот Пецаков.
Во рамки на саемската програма во Белград се одржа и традиционалната „Охридска вечер“, настан посветен на промоција на туристичките потенцијали на градот. На свеченоста, на Пецаков му беше доделена специјална повелба од страна на Балканска алијанса на хотелски асоцијации, како признание за гостопримството, соработката и придонесот во развојот на туризмот на Балканот.
Од Општина Охрид велат дека учеството на саемот претставува важна можност за нови контакти и унапредување на туристичката соработка, со цел континуирана промоција на Охрид како атрактивна и конкурентна туристичка дестинација на регионалниот пазар.








