Во прекрасна и топла атмосфера, вечерва беше промовирана новата книга на Марина Шикова – Димовска, романот „Повторно роден“. Прекрасната вечер беше помината во друштво на драги луѓе.
Надвор од збирките раскази и поезијата што ја познаваме – „Приказни од кујната“, „Езерото ми раскажува“ и „Мое место“ – Марина сега ни го претставува својот нов роман инспириран од вистинска животна приказна. Авторката прави храбар исчекор, трансформирајќи кратки слоевити раскази во романска форма, следејќи ја животната судбина на главниот лик Марко, фрлен во далечното милје на Австралија.
Романот ја открива борбата на Марко низ животот, пред и по средбата со Мелиса, неговата муза, која со љубов и посветеност му помага да се врати на прав пат, да се справи со матните бизниси и да најде нова смисла на животот. Со длабоки драмски елементи, романот ги прикажува љубовта, страста, религијата и сложените односи помеѓу минатото и сегашноста.
Во врска со романот, промоторот м-р Милчо Јованоски истакнува:
„Сликите од минатото, преточени во романот, се сосема доволни за книгата да ја земете во раце, да читате, а пред вас да гледате вистински филм. Приказната на Марко и Мелиса нуди возбудливи ситуации, но и поука за внимателно чекорење низ животот.“
Денес, Марко живее спокоен и семеен живот покрај Охридското Езеро, далеку од бурното минато во Австралија. Романот е уште едно силно име на македонската литература, кое комбинира животни приказни, човечки судбини и вистинска емоција.




