Со пригодна духовна програма и присуство на верници, во Вевчани беше одбележан зимскиот празник Спасовден во Манастир Свети Спас Вевчански.
Овој манастир, познат како еден од скриените духовни бисери на регионот, е сместен во густа дабова шума над селото Вевчани и речиси еден век опстојува како важно светилиште и место на молитва. Во негова непосредна близина се издига и новоизградениот голем крст, видлив од пошироката околина.
Црквата е мала по димензии, но со богата духовна и историска вредност. Судејќи според иконите, манастирот се датира од втората половина на XIX век, а престолната икона „Вознесение Христово“ е дело на зографот Крсто Николов од Лазарополе, изработена во 1894 година. Во поново време, покрај манастирот е изграден и конак во кој верниците и мештаните можат да преноќуваат.
Според хроничарот Анастас Ќушкоски, Спасовден во Вевчани се празнува трипати во годината – пролетен, есенски и зимски.
„Зимскиот празник е воспоставен поради печалбарите, додека есенскиот се слави за здравје на добитокот. Свети Спас се смета за заштитник на селото“, вели Ќушкоски.
Од Вевчани упатуваат покана до сите љубители на духовниот туризам и природата да го посетат манастирот Свети Спас не само за време на празникот, туку и во текот на целата година.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
