Во рамки на здравствено-превентивните активности и одбележувањето на Неделата на срцево-садови заболувања (21–28 февруари), Црвен крст Охрид под мотото „Здрав живот, здраво срце“ организира низа активности насочени кон превенција и заштита од болестите на срцето и крвните садови.
Во соработка со Специјализирана болница „Св. Стефан“ Охрид, на 23 февруари (понеделник) со почеток во 11 часот во просториите на Црвен крст Охрид, д-р Наташа Скрческа, специјалист кардиолог во болницата, ќе одржи предавање посветено на ризик факторите, превенцијата, третманот и лекувањето на срцево-садовите заболувања.
Од Црвен крст информираат дека е доставено и типизирано предавање до основните и средните училишта во Охрид и Дебрца, со цел темата за здравјето на срцето да биде презентирана и пред учениците.
„Срцево-садовите заболувања се водечка причина за смртност во светот. Според податоците на Светската здравствена организација, секоја година од овие заболувања умираат 17,5 милиони луѓе, од кои 7,3 милиони од коронарна срцева болест, а 6,2 милиони од инфаркт. Во Европа околу 50% од сите смртни случаи се предизвикани од овие заболувања“, стои во соопштението.
Се потенцира дека сè повеќе заболуваат лица помлади од 60 години, односно луѓе во најпродуктивниот период од животот. Доколку не се преземат соодветни мерки, до 2030 година 23 милиони луѓе годишно ќе умираат од срцево-садови заболувања, главно од срцеви и мозочни удари.
„Проценките покажуваат дека најмалку 80% од сите срцеви болести, срцев удар и дијабетес тип 2 може да се превенираат“, се наведува во соопштението.
Според податоците на Институт за јавно здравје на РСМ, и во нашата земја повеќе од 60% од смртните случаи се последица на срцево-садовите заболувања.
Како главни ризик фактори се посочуваат здебеленоста, неправилната исхрана, пушењето и физичката неактивност, кои сè почесто се забележуваат и кај децата и адолесцентите. Токму затоа, од Црвен крст Охрид апелираат на навремена едукација и градење здрави животни навики уште од најрана возраст.
Со оваа кампања, организаторите порачуваат дека грижата за срцето започнува денес – со информираност, превенција и здрав избор на животен стил.
