Во просториите на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ на 13 февруари 2026 година, во организација на Општина Охрид, се одржа работна средба – социјален дијалог на тема „Учи паметно – работи стручно“, посветена на развојот и унапредувањето на дуалното образование.
На средбата се обратија заменик-градоначалникот Ане Крстеска, директорот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, проф. Сашо Недески, како и директорот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, проф. Ристе Јанкоски.
Директорот Недески во своето обраќање истакна дека дуалното образование претставува мост меѓу теоријата и практиката, односно меѓу училницата и работното место.
„Дуалното образование не е само модел на учење – тоа е мост меѓу теоријата и практиката, меѓу училницата и работното место. Со него, нашите ученици добиваат можност да стекнат знаења и вештини кои директно ќе ги подготват за пазарот на труд, а компаниите ќе добијат млади кадри кои веднаш можат да се вклучат во работниот процес“, посочи Недески.

Беше нагласено дека со поддршката на Општина Охрид се испраќа јасна порака дека вложувањето во младите значи вложување во иднината на градот. Преку ваквите иницијативи не само што се подобрува квалитетот на образованието, туку се зајакнува и локалната економија и се создаваат услови за одржлив развој.

На учениците им беше упатен повик активно да ја искористат можноста што ја нуди дуалниот систем, со порака да бидат храбри, љубопитни и посветени, бидејќи нивниот успех претставува успех на целата заедница.
Во рамки на средбата беше изразена благодарност до наставниците, компаниите, родителите, како и до Министерството за образование и наука и Стопанската комора на Македонија, за нивната поддршка и вклученост во процесот.
Со оваа работна средба се одбележува значаен чекор во развојот на општината преку унапредување на дуалното образование и продлабочување на соработката меѓу образовните институции, локалната самоуправа и стопанството.
