Во текот на зимските месеци, квалитетот на воздухот во Охрид значително влошен. Синоќа дел од мерните станици во Охрид измерија присуство на ПМ 10 честичките во вредност од над 300мг на метар кубен. Така е цела зима , концентрациите на штетните честички често ги надминуваат дозволените гранични вредности, повеќекратно се повисоки особено во попладневните и ноќните часови.
Како главни причини се посочуваат греењето на домаќинствата на огревно дрво, зголемениот сообраќај, како намалувањето на зелената инфраструктура и отсуството на ветер.
„Загадувањето на воздухот во Охрид може јасно да се забележи, особено во зимскиот период и во ноќните часови. Тоа потекнува од повеќе извори – од интензивниот сообраќај, од начинот на греење во домаќинствата, но и од разни објекти кои испуштаат прашина и штетни честички во атмосферата. Дополнително, мора да се знае дека загадувањето не мора секогаш да биде локално, бидејќи со струењето на воздухот честичките можат да пристигнат и од други градови или од соседните земји. Иако Охридското Езеро со своето испарување делумно придонесува за прочистување на воздухот, тоа не е доволно за целосна заштита, па во одредени периоди загадувањето се задржува над градот“, вели Лазо Наумоски, еколог.
Експертите предупредуваат дека продолжената изложеност на загаден воздух може да предизвика сериозни здравствени проблеми, особено кај децата, повозрасните лица и лицата со хронични заболувања. Локалната власт мора засилено да работи на зелена инфраструктура.
„Во последните години сериозен проблем претставува и неконтролираната урбанизација. Се изградија многу објекти, се намалија зелените појаси и се наруши природното струење на воздухот кое во минатото го одржуваше градот почист. Денес немаме доволно ниска вегетација и зелени површини кои би ги апсорбирале издувните гасови и прашината од сообраќајот, па загадувањето се наталожува во самиот град. Затоа е неопходно локалната власт да создаде зелени појаси, да го ограничи сообраќајот во централното подрачје и да овозможи возилата да се паркираат подалеку од крајбрежјето. Само со вакви мерки, заедно со решавање на проблемот со депонијата Буково, можеме долгорочно да обезбедиме почист воздух и поздрава животна средина за граѓаните и туристите“, вели Лазо Наумоски, еколог.
Општина Охрид има план за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, предвидени се голем број мерки, но според експертите решението е гасификација.
