Одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Општа болница Охрид започна со примена на најсовремени хистероскопски интервенции, со што за прв пат во Охрид, но и во поширокиот регион, се воведува ваков тип современа медицинска процедура.
Со набавката на новиот хистероскопски апарат се прави значаен исчекор во унапредувањето на гинеколошката здравствена заштита, овозможувајќи минимално инвазивна дијагностика и третман, побрзо и побезболно закрепнување, како и висока прецизност при откривање и отстранување туморски формации и септуми во матката. Дел од овие услуги досега не беа достапни во Охрид.
В.д. директорот на ЈЗУ Општа болница Охрид, специјалист гинеколог и акушер, д-р Горан Маркоски, истакна дека воведувањето на новата метода претставува голем напредок за пациентките и здравствениот систем во регионот.
„Како в.д. директор на ЈЗУ ОБ Охрид, особено сум горд што нашиот тим од ова одделение, од каде што и самиот доаѓам, започнува да работи со нови методи кои за прв пат се воведуваат во нашата болница и кои на пациентките ќе им овозможат поквалитетна и побрза здравствена услуга – дома, во својата општина, без потреба од упатување во други здравствени центри. Сакам да го истакнам и економскиот аспект, бидејќи пациентките ќе бидат ослободени од големите трошоци што досега ги имаа во приватните болници или од долгите листи на чекање во терциерните здравствени установи. Сега овие интервенции ќе им бидат достапни со платена партиципација“, изјави д-р Маркоски.
Од Општата болница Охрид информираат дека и во наредниот период ќе продолжат со вложувања во модернизација на здравството, со цел обезбедување поквалитетни, подостапни и современи здравствени услуги за пациентите.


