Од 13 до 15 февруари 2026 година, во хотел „Белведере“ во Охрид ќе се одржи Камп за сајбер безбедност, свечен настан кој на едно место ќе обедини околу 150 ученички од девет училишта, односно десет клубови за сајбер безбедност од Република Северна Македонија.
Целта на кампот е споделување искуства и доживувања од работата во клубовите за сајбер безбедност, претставување на модели на успех, како и создавање простор за размена меѓу девојки кои имаат изразен интерес за оваа област.
Покрај ученичките, на настанот ќе учествуваат и 10 тренери – наставници по информатичко-комуникациски технологии и кариерни советници, како и гости и претставници на Британскиот Совет. Вкупниот број на учесници се очекува да достигне околу 170 лица.
Кампот е конципиран околу три клучни теми, определени како „Тема на денот“:
-
„Припаѓаме во сајбер безбедноста“
-
„Учење преку работа“
-
„Сајбер за добро“
Преку овие тематски целини, учесничките ќе имаат можност да разменат знаења, да развиваат практични вештини и да ја зајакнат својата улога во областа на дигиталната безбедност – поле кое станува сѐ позначајно во современото општество.
