Обвинителство оформи предмет за загадувањето на водата во Струга

Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет по информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга.

Од Обвинителството информираат дека предметот е формиран со цел да се испитаат причините за загадувањето, како и дали се сторени евентуални кривични дела против животната средина и природата.

Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена е наредба правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде што се сместени изворите од кои градот се снабдува со вода за пиење.

При увидот, како што се наведува, треба да присуствуваат и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.

Покрај увидот на терен, најавено е дека ќе бидат преземени и други дејствија и проверки со цел целосно расчистување на случајот.

Случајот предизвика сериозна загриженост кај граѓаните, имајќи предвид дека станува збор за вода за пиење и основни животни потреби, што директно се однесува на здравјето и безбедноста на населението.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани