Загадувањето на водата во Струга е последица на нелегално ископување минерални суровини во близина на изворите во селото Шум. Ова е заклучокот од денешната вонредна седница.
Градоначалникот Менди Ќура истакна дека ископувањата биле дозволени повеќе од 10 години, без да бидат запазени критериумите за заштитеното подрачје.
„Имаме дадено налог да се престане таму. Компаниите кои вршеле дејности престанаа и нема да дозволиме. Бараме и од другите институции тоа да се спречи. После ова ќе имаме заклучоци како да ја санираме состојбата понатаму, иако ќе биде тешко да се среди за брзо време“, изјави Менди Ќура, градоначалник на Општина Струга.
„Не требаше да се случи вакво нешто за да знаеме дека на самото извориште, на 500 метри, се прави ископ. Тој ископ се прави неколку години и никако да постапат институциите. Одговорноста е на сите состави“, вели Мите Стевоски.претседател на совет на општина Струга.

Од Центарот за јавно здравје Охрид соопштија дека анализите на водата покажале присуство на бактерии од фекално потекло, а најавени се дополнителни испитувања за радиоактивност и канцерогеност.
„Ешерихија коли е најдена првиот пат во извор Шум, тоа е бактерија на свежо фекално загадување. Потоа е најден ентерокок, тоа е од старо фекално загадување, значи тоа се стари, можеби септички јами или не знам што“, изјави Лидија Смоноска од Центарот за јавно здравје Охрид.
Струга веќе 12 дена е без вода за пиење, останува на сила забраната за употреба, а неизвесно е кога ќе се стабилизира состојбата. Јавното обвинителство отвори предмет и ќе се утврдува одговорноста за еколошката катастрофа.
Новинар Соња Рилковска
