Министерот за транспорт Александар Николоски информира дека од Брисел пристигнуваат одлични вести за македонските превозници, поврзани со долгогодишниот проблем со ограничувањето од 90 дена престој во Шенген зоната.
Според Николоски, ставовите на Македонија се прифатени, а професионалните возачи се признаени како посебна категорија, што отвора пат за конечно системско решение.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија. Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е токму она што го баравме“, истакна Николоски.
Тој посочи дека по протестите и интензивната институционална и дипломатска офанзива во изминатиот период, Европската унија ќе донесе нова Стратегија за визи, со која ќе се адресира проблемот со кој се соочуваат професионалните возачи од трети земји.
Од Европската унија, како што се наведува во документот, посочуваат дека Европската комисија ќе работи заедно со земјите-членки на изнаоѓање прагматични решенија, со цел да се овозможи продолжен краткорочен престој за одредени категории државјани од трети земји, меѓу кои и професионалните возачи, обезбедувајќи правна јасност за патниците и економска корист за Унијата.
Новата стратегија, меѓу другото, предвидува појасни и пофлексибилни правила за камионските возачи кои работат за компании во Европската унија и зависат од постојана мобилност меѓу земјите-членки.
„Благодарам на сите пријатели на Македонија кои помогнаа овој проблем да се придвижи кон решение“, порача министерот Николоски.
