Советниците на Општина Охрид денеска ја одржаа шестата седница, на која доминираа точки од урбанистичката сфера, пред сè поврзани со вклопување на бесправно изградени објекти преку донесување соодветна урбанистичко-планска документација.
Во првиот дел од седницата беа избрани нови членови во училишните одбори на неколку средни училишта во градот, а беше донесена и одлука за утврдување детален урбанистички план за УЗ 8 и УБ 8.1.
Советот расправаше и усвои повеќе одлуки поврзани со утврдување на пазарната вредност на градежното и земјоделското земјиште за 2026 година, како и одлука за утврдување зони за вреднување на недвижен имот на подрачјето на општината.
На дневен ред се најдоа и одлуки за проширување на средствата во Буџетот на Општина Охрид за 2026 година, како и за утврдување на вредноста на бодот за пресметка на платите во ЈП „Градски гробишта“ – Охрид, заедно со измени на Статутот на јавното претпријатие.
Советниците дадоа согласност и за формирање Комисија за процена на штети од природни непогоди, епидемии и други несреќи, како и за разрешување и именување членови во управни и училишни одбори во повеќе образовни институции.
Посебен дел од седницата беше посветен на донесување урбанистичко-планска документација за вклопување на бесправно изградени објекти, и тоа на повеќе катастарски парцели во Охрид, Косел, Лескоец, Оровник, Опеница, Горно и Долно Лакочереј и Коњско.
Со одлука на Советот беше одобрено и отстапување на специјално товарно противпожарно возило – комбе на Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ Охрид – Дебрца.
