Повеќе настани во месецот на книгата

НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид најавува уште три културни настани во рамките на „Месецот на книгата“, кои ќе се одржат од 2 до 4 ноември. Програмата опфаќа креативна работилница за ученици, промоција на книга со бајки и претставување збирка авторски ора.

Во понеделник, 2 ноември, ќе започне проектот „Креативна работилница – нов живот за старите книги“, во кој ќе учествуваат ученици од ООУ „Кочо Рацин“. Преку техниката оримото, односно уметничко обликување со виткање на страниците од стари книги, учениците ќе создаваат оригинални творби. Во реализацијата се вклучени м-р Ани Глигорова-Милева и м-р Гонца Запрова-Анастасова од библиотеката „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.

На 3 ноември, вторник, во 12 часот ќе биде промовирана книгата „Бајкоград“ од охридската авторка Ана Цветаноска. Станува збор за современи бајки инспирирани од Охрид и неговата околина, во кои езерото и локалните мотиви добиваат волшебна книжевна форма. Модератор и промотор ќе биде м-р Милчо Јованоски, а извадоци од книгата ќе читаат актерката Христина Цветаноска и Томе Станковски. Во рамките на настанот ќе учествуваат и ученици од четврто одделение од ООУ „Св. Климент Охридски“, кои ќе цртаат мотиви инспирирани од бајките.

Програмата завршува на 4 ноември, во 12 часот, со промоцијата на книгата „Авторски ора од Гоце Џуклески“, збирка нотни записи што содржи 76 ора, поделени во два дела – „Македонски ора“ и „Балкански ора“.

Мелографијата, компјутерската нотографија и графичкото обликување се дело на м-р Сашо Ливрински, долгогодишен соработник на авторот д-р Гоце Џуклески. На промоцијата ќе бидат презентирани и рецензиите на музиколозите и музичките виртуози Кирил Тодевски, Марко Коловски, Влада Веселиновиќ, Владимир Минчев и Дарко Илиевски, а ќе се обрати и авторот. Модератор ќе биде м-р Милчо Јованоски.

Со трите настани, Охридската библиотека продолжува со активностите за поттикнување на читателската култура, креативноста и афирмацијата на македонското книжевно и музичко наследство.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани