Општина Охрид распиша конкурс за учество на детскиот поетски фестивал „Поетски искри“ – Охрид 2026, со цел поттикнување на литературното творештво кај децата и младите и афирмација на нивните таленти. Годинашното издание е посветено на темата „Охрид и Македонија“, по повод 35 години од независноста на државата.
Право на учество имаат учениците од основните и средните училишта на територијата на Општина Охрид, поделени во три категории: од прво до петто одделение, од шесто до деветто одделение и ученици од прва до четврта година средно образование.
Поетските творби треба да бидат оригинални, самостојно напишани, претходно необјавени и тематски поврзани со Охрид и Македонија. Учениците можат да пишуваат за историјата, културата, традицијата, природното и духовното наследство, македонскиот јазик, татковината, Охридското Езеро, како и за значајни личности и настани.
Секој ученик може да учествува со една поетска творба, која треба да биде доставена во еден печатен примерок. На творбата задолжително треба да бидат наведени името и презимето на ученикот, одделението или годината на образование, училиштето, категоријата и името и презимето на наставникот-ментор.
Творбите се доставуваат организирано преку училиштата, заедно со придружен список на учесниците, во Архивата на Општина Охрид, во затворен плик со назнака „За детски поетски фестивал ‘Поетски искри’ – Охрид 2026“.
Крајниот рок за доставување е 30 ноември 2026 година. Творбите ќе ги разгледува тричлена жири-комисија, која ќе изврши избор на поетските дела што ќе бидат јавно претставени во рамки на фестивалската програма.
Фестивалот нема натпреварувачки карактер, нема да се врши рангирање на учесниците и нема да се доделуваат прва, втора или трета награда. На учениците чии творби ќе бидат избрани за фестивалската програма ќе им бидат доделени признанија за учество.
Датумот, времето и местото на одржување на фестивалот, како и програмата, дополнително ќе бидат објавени.
Целта на „Поетски искри“ е да им се даде простор на најмладите автори да го изразат својот творечки потенцијал и преку поезијата да ја претстават својата љубов кон Охрид и Македонија.
Целосниот конкурс со условите за учество е достапен на официјалната веб-страница на Општина Охрид.
