Од Општина Охрид информираат дека физичките лица кои вршат угостителски услуги од мал обем – сместување во куќи, апартмани, соби и станови за одмор – имаат законска обврска да го продолжуваат Решението за категоризација на секои три години, во рамки на неговата важност.
Станоиздавачите кои се регистрирани во регистарот што го води градоначалникот на Општина Охрид, согласно Законот за угостителска дејност, треба навремено да поднесат Барање за продолжување на категоризацијата во просториите на Одделението за туризам – Сектор ТЛЕР при Општина Охрид.
Од општината предупредуваат дека непочитувањето на законската процедура ќе резултира со инспекциски надзор. Општинските овластени инспектори за туризам и угостителство ќе спроведуваат засилени контроли, при што ќе се постапува согласно прекршочните одредби од Законот за угостителска дејност.
