Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, ја проширува мрежата на дестинации со две нови авиолинии на Виз ер до најголемите острови во Италија – Сицилија (Палермо) и Сардинија (Алгеро).
Линијата Скопје – Палермо стартува на 15 јули, со летови три пати неделно – понеделник, среда и петок, со достапни цени од 29,99 евра. Од 18 јули започнува и рутата Скопје – Алгеро, која ќе сообраќа два пати неделно – вторник и сабота, со цени од 39,99 евра. Летовите до двете дестинации се планирани како сезонски линии, односно ќе се реализираат до 11 и 12 септември.
„Пресреќни сме што ви го претставуваме возбудливото проширување на скопскиот аеродром… И ако мислевте дека сме застанале – не, ние штотуку започнуваме!“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Од Виз ер посочуваат дека новите линии се дел од стратегијата за повеќе директни врски и поголем избор за патниците. „Воодушевени сме што ја прошируваме нашата Македонска мрежа со воведување нови директни врски со Италија“, изјави Вера Јардан, менаџер за корпоративни комуникации во Виз Ер.
Во моментов, Виз ер нуди 45 линии до 41 дестинација во 17 земји од Северна Македонија, а во 2025 година реализирала над 10.000 летови од и кон земјата, со речиси 2 милиони патници. Според последната статистика за јануари, двата македонски аеродроми – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид – заедно опслужиле 289.584 патници на 2.009 летови, што е 31% повеќе патнички сообраќај и 10% повеќе летови во споредба со јануари 2025 година.
Со почетокот на летниот ред на летање кон крајот на март, најавено е проширување со нови релации, меѓу кои Будимпешта и Неапол од Скопје, како и нова линија од Охрид до Милано, додека во наредните месеци следуваат и дополнителни линии од Охрид.
Во мај, Аустријан ерлајнс ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни, Виз ер ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.
