Депонијата во Буково влегува во нова фаза од процесот за нејзино затворање и санација. Избран е најповолниот понудувач за изработка на урбанистичкиот и основниот проект, а веќе започнаа и првите теренски активности.
Станува збор за компанијата „ГЕОМАП Дизајн“ од Скопје, која деновиве започна со бушење за поставување пиезометри. Преку нив ќе се земаат мостри, по што треба да се направат анализи за утврдување на состојбата на депонијата и за дефинирање на потребните активности за нејзино затворање и санација.
Депонијата во Буково со Националниот план за управување со отпад е определена како високоризична за животната средина, а нејзиното затворање е и една од препораките на УНЕСКО. Според претходно утврдените рокови, таа требаше да биде затворена најдоцна до 2020 година.
Сега, по изборот на понудувачот, следуваат анализите на состојбата на самата депонија, врз основа на кои треба да се утврдат конкретните решенија за санација и затворање.
Паралелно со овие активности, продолжуваат и тековните санациони работи на депонијата, односно нејзино покривање со земја.
Проектот се реализира во рамки на грантот „Изработка на урбанистички проект и основен проект за затворање, санација и натамошна грижа за некласифицирана и нестандардна депонија Буково“, согласно договорот меѓу УНДП – Проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти – Фаза 3“ и Општина Охрид.

