Во Охрид вчера беше промовиран романот „Наследство: За татковината“ од авторот Јордан Коцевски, последната книга од трилогијата „Наследство“, која ги поврзува приказните од претходните два романа во заокружена целина.
Романот ја следи борбата на Душан, еколошки активист кој во период од дваесет години се соочува со системот во Македонија. Преку неговата приказна и постепеното откривање на мотивите на Организацијата за социјална благосостојба, авторот ги испреплетува настаните и ликовите од претходните книги, отворајќи прашања за еколошката одговорност, моќта, идеологијата и границите на борбата за остварување на одредена цел.
Уништувањето на животната средина во романот е поврзано со поширок политички конфликт, во кој минатото и наследството што го оставаат поединците и организациите имаат значајна улога.
На промоцијата, низ разговор со промоторката Марина Димовска, Коцевски говореше за процесот на создавање на трилогијата, која започнала како идеја пред десет години. Тој се осврна на развојот на приказната од првичната замисла до финалната книга, на промените во текот на пишувањето и на внимателното следење на хронологијата и ликовите во сите три романи.
Посебно внимание беше посветено на психолошката обработка на ликовите, поврзувањето на настаните од различни временски периоди, симболиката на корицата и значењето на насловот „За татковината“.
Со оваа книга се заокружува трилогијата започната со „Наследство: Прозорецот“, а продолжена со „Наследство: Кошмари“. Последниот роман ги поврзува претходните приказни и ги разрешува отворените прашања, заокружувајќи ја пошироката приказна за поединците, организациите и системот во кој дејствуваат.
Книгата „Наследство: За татковината“ е финансиски поддржана од Општина Охрид.



