„Да градиш иднина дома“ – четврта конференција за младинско претприемништво во Охрид

Како да се започне сопствен бизнис, кои се предизвиците на претприемачкиот пат и какви можности за професионална реализација постојат во родниот град? Овие прашања ќе бидат во фокусот на четвртата Конференција за младинско претприемништво „Да градиш иднина дома“, што ќе се одржи на 28 октомври во Младинскиот центар Охрид – Касарна.

Настанот, во организација на Младинскиот центар Охрид, ќе започне во 12 часот и ќе ги обедини средношколците, студентите и младите кои се заинтересирани за претприемништво, професионален развој, вработување или започнување сопствен бизнис.

Централниот дел на конференцијата ќе биде панел-дискусијата „А што ако успееш?“, на која тројца локални претприемачи ќе ги споделат своите искуства, предизвици и лични приказни за градењето сопствен бизнис.

На панелот ќе учествуваат Ивана Пешликовска од IP Interior Design, Марко Трајкоски, сопственик на Pizzeria Prova, и Филип Малезанов од Малезан Филигран, кој изработува сребрен накит со традиционалната филигранска техника. Разговорот ќе го модерира Јован Цветкоски.

Преку нивните искуства, младите ќе имаат можност да дознаат повеќе за патот од првичната идеја до реализацијата на сопствен бизнис, за преземањето ризик, вложувањето и истрајноста потребни за професионален успех.

Во рамки на конференцијата ќе се одржи и информативна работилница за вработливост, во соработка со Бирото за вработување. Таа ќе биде насочена кон практични информации за можностите за вработување, достапните услуги и поддршката за младите при нивното вклучување на пазарот на трудот.

Со четвртото издание на конференцијата, Младинскиот центар Охрид продолжува да поттикнува претприемачки дух кај младите, да ги поврзува со локалната бизнис-заедница и да отвора простор за разговор за можностите за професионален развој во Охрид.

Информации за настанот:

  • Датум: 28 октомври 2026 година (среда)
  • Почеток: 12:00 часот
  • Локација: Младински центар Охрид – Касарна
  • Настан: Четврта Конференција за младинско претприемништво „Да градиш иднина дома“
Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани