Розовиот октомври во Охрид: Предавање за исхраната и грижата за женското здравје

На Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се одржа отворено предавање посветено на значењето на правилната исхрана, здравите животни навики и превенцијата, во рамки на активностите за одбележување на Розовиот октомври.

„Исхраната како грижа за себе: женското здравје во фокус“ беше насловено предавањето што го одржа проф. д-р Ангела Паскуале, на кое студентите и присутните имаа можност да разговараат за важноста на правилната исхрана и секојдневните навики за зачувување на здравјето.

Преку примери, размена на искуства и отворена дискусија, учесниците се запознаа со значењето на здравата исхрана и функционалното здравје, како и со можностите за превенција преку мали, но значајни промени во секојдневието.

На настанот учествуваше и д-р Владо Устијаноски, гинеколог од ПЗУ „Устијаноски“, кој ја истакна важноста на превентивните прегледи, раната дијагностика и редовната грижа за репродуктивното и општото здравје на жените.

Посебен момент беше сведоштвото на проф. д-р Ирина Петровска, која ја сподели својата лична приказна за борбата со ракот на дојка, испраќајќи порака за надеж, истрајност и важноста од навремено препознавање на промените во сопственото тело.

Настанот беше организиран во духот на Розовиот октомври – месец посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка, значењето на информираноста и важноста на навремените прегледи.

Преку ваквите активности, Факултетот за туризам и угостителство – Охрид ја истакнува важноста на едукацијата, заедничкото учење и поттикнувањето здрави навики кај младите и пошироката заедница.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани