Ослободителна пресуда за обвинетите за нападот врз Христијан Пендиков

Основниот суд во Охрид денеска ги ослободи од обвинение Илија Спасески и Борче Ангелов, обвинети за нападот врз Христијан Пендиков, кој се случи во јануари 2023 година. Одлуката следува по повторното судење, откако Апелацискиот суд во Битола ја укина претходната пресуда, со која двајцата обвинети беа осудени на по осум месеци ефективен затвор за нанесување тешка телесна повреда.

Обвинението се однесуваше на нанесување тешка телесна повреда од омраза поради националната и етничката припадност на оштетениот. Во повторената постапка, судот донесе ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинението не е докажано надвор од разумно сомневање.

Адвокатот на одбраната, Димитрија Цобоски, изјави дека судот постапил согласно укажувањата на Апелацискиот суд и ги разгледал предложените докази.

„Денес Основниот суд во Охрид, постапувајќи во целост по дадените укажувања од страна на Апелацискиот суд и изведувајќи ги сите предложени докази, донесе пресуда со која двајцата обвинети се ослободени од обвинението, бидејќи застапникот на обвинението не успеал надвор од разумно сомневање да ја докаже основаноста на обвинението“, изјави Цобоски.

Тој оцени дека од правен аспект судот постапил исправно и дека правдата е задоволена.

„Сметаме дека од правен аспект правдата е задоволена, односно дека судот постапил исправно врз основа на сите изведени докази и дадените укажувања од страна на Апелацискиот суд“, изјави Цобоски.

Претходната пресуда, со која Спасески и Ангелов беа осудени на по осум месеци затвор, беше обжалена од обвинителството и од одбраната, по што предметот беше вратен на повторно судење.

Нападот врз Пендиков се случи на 19 јануари 2023 година пред угостителски објект во Охрид. Пендиков, кој тогаш беше секретар на здружението „Цар Борис Трети“, по нападот беше пренесен на лекување во Софија. Случајот предизвика големо внимание во јавноста и реакции во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Обвинителството има право на жалба на денешната ослободителна пресуда.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани