Почина Васко Јолески, симболот на храброста и надежта на пациентите со срцеви заболувања

Струга и Македонија загубија човек кој со години беше симбол на храброста, истрајноста и надежта за живот. Почина Васко Јолески, претседателот на Националното здружение „Храбро срце“, човекот кој повеќе од шест години живееше со механичка пумпа за поддршка на срцето, чекајќи го денот кога ќе добие шанса за нов живот. Денот за кој толку долго сонуваше, за жал, не го дочека.

За Васко со години раскажувавме приказни. За неговата секојдневна борба, за животот зависен од батерии и електрична енергија, за ограничувањата што ги носеше механичката потпора, но и за неговата неверојатна сила да продолжи напред. Секој ден беше неизвесност, секој нов ден – победа, а надежта за трансплантација на срце беше она што го одржуваше неговиот дух.

Неговата животна приказна започна многу пред механичката пумпа. Срцевата слабост му беше дијагностицирана во 2011 година, а кога состојбата сериозно се влоши, механичката потпора стана единствената можност да го продолжи животот до трансплантацијата. Во 2020 година, неговото секојдневие доби поинаков ритам – ритам на батерии, кабли, редовни контроли и постојана внимателност. Но, ниту зависноста од апаратот, ниту долгогодишното чекање не ја згаснаа неговата надеж.

Васко не се бореше само за себе. Како претседател на Националното здружение „Храбро срце“, беше гласот на пациентите со механичка циркулаторна потпора, луѓето чии животи зависат од медицинска технологија додека чекаат донорско срце. Јавно зборуваше за нивните проблеми, за високите трошоци за лекување, за потребата од ослободување од партиципација и обезбедување подобри услови за терапија и следење на нивната здравствена состојба.

Се бореше за правата на пациентите, бараше системски решенија и постојано потсетуваше дека зад секоја медицинска дијагноза стои човек кој сака да живее. Со своите настапи, апели и сведоштва, ја подигнуваше и свеста за органодарителството, повикувајќи на хуманост што може да спаси човечки животи.

А потоа дојде веста што ја чекаше со години. Се појави компатибилно срце.

По толку долго чекање, Васко со огромна радост, верба и храброст ја прифати можноста да биде првиот пациент со механичка циркулаторна потпора кај кого ќе се направи обид за трансплантација на срце. Тоа беше надеж не само за него, туку и за сите пациенти кои со години чекаат и се прашуваат дали некогаш ќе го добијат повикот што ќе им го промени животот.

Васко замина кон новата битка со верба дека конечно ќе добие можност за живот без механичката пумпа. На дел од новинарите  со кои разговараше им вети дека по една недела ќе даде интервју од болницата. Ветување на човек кој веруваше дека ќе се врати со нова приказна – овојпат приказна за победата, за новото срце и за животот што продолжува.

Но, судбината имаше поинаков крај.

Васко Јолески почина, оставајќи зад себе неизмерна тага, но и сведоштво за една долга, тешка и достоинствена борба. Неговата приказна не е само приказна за болеста и чекањето. Таа е приказна за човек кој, и покрај сите ограничувања и неизвесности, не се откажа од животот. Човек кој својата лична болка ја претвори во борба за сите што се соочуваат со истата судбина.

Неговиот глас ќе остане во борбата за правата на пациентите, во апелите за органодарителство и во приказните за човекот кој со години живееше со надеж дека еден ден ќе добие ново срце.

Васко замина надевајќи се на нов почеток. Не го дочека животот за кој толку долго се бореше, но зад себе остави порака што не смее да згасне: секој човек заслужува шанса, секој пациент заслужува надеж, а едно човечко срце може да продолжи да живее и во некој друг.

Почивај во мир, Васко. Твојата храброст нема да биде заборавена.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани