Во Охрид најкратко се чека за операција на колк

Од три до шест месеци се чека за операција на колк во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид. Според последните податоци што ги посочи министерот за здравство Сашо Клековски, на листата на чекање имало 82 пациенти. Времето до операцијата се разликува во зависност од здравствената установа, а во некои случаи чекањето може да биде и подолго од една година.

„Последниот пат кога разговарав со директорот, он ќе ме корегира, имаше 82 пациенти на листа на чекање. Таа анализа беше, мислам дека 3 до 6 месеци беше времето за чекање“, истакна министерот за здравство Сашо Клековски.

Според Клековски, земјава има повисоко ниво на замени на колк во споредба со Хрватска. Тој апелираше граѓаните навреме да побараат лекарска помош и да не ги одложуваат ортопедските прегледи до моментот кога болките ќе станат неподносливи.

„Значи апелирам до граѓаните да се јавуваат редовно на ортопедски контроли, кога проблемите во колковите ќе започнат. Зборувам за хроничните, елективните. Не зборувам за трауматските повреди, каде што, нормално, интервенциите мора кратко да се завршат“, истакна Клековски.

Од Специјалната болница „Св. Еразмо“ велат дека располагаат со потребните протетски и трауматолошки материјали, а времето на чекање зависи и од изборот на хирургот. Директорот на болницата, Харалампие Шокаровски, објаснува дека пациентите што инсистираат да бидат оперирани кај одреден лекар може да чекаат од шест до девет месеци, додека кај други хирурзи нема листи на чекање.

„Вие како пациент, ако се одлучите за X доктор, треба кај него да чекате. Може да се случи да чекате и 6 до 9 месеци. Меѓутоа има кај одредени колеги што воопшто нема листи на чекање“, истакна Харалампие Шокаровски, директор на Специјалната болница „Св. Еразмо“.

Шокаровски појаснува дека листите на чекање се однесуваат на планираните интервенции. Кај трауматските повреди, кога е потребна итна операција, пациентите се третираат веднаш.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани