Во Охрид воведена интраваскуларна литотрипсија за третман на тешки калцификации на крвните садови

ЈЗУ Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во Охрид воведува нова медицинска процедура – интраваскуларна литотрипсија (IVL), со примена на технологијата Shockwave Medical. Станува збор за современ метод наменет за третман на тешки калцификации на периферните артерии, кои можат да го отежнат или оневозможат нивното проширување со стандардни методи.

Од болницата информираат дека процедурата за првпат се воведува во оваа здравствена установа, а медицинскиот тим е предводен од д-р Дејан Манчевски, раководител на одделот за перкутани артериски инвазивни процедури.

Интраваскуларната литотрипсија користи специјален балон-катетер кој испраќа контролирани акустични бранови до калцифицираните наслаги во ѕидовите на артериите. На овој начин се овозможува нивно разбивање, со цел полесно и побезбедно проширување на стеснетиот крвен сад и, кога е потребно, поставување стент.

Методата е наменета за пациенти со напредна периферна артериска болест, особено кај кои калциумовите наслаги се толку тврди што го отежнуваат третманот со стандардните балон-процедури.

Според информациите од болницата, една од предностите на технологијата е тоа што акустичните бранови овозможуваат дејствување врз калцифицираните наслаги, со намалување на ризикот од оштетување на крвниот сад во споредба со одредени традиционални методи. Со разбивањето на калциумот се подобрува еластичноста на артеријата, што овозможува нејзино полесно проширување.

Од установата посочуваат дека ова е трета нова медицинска процедура што ја воведуваат во период од една година, како дел од напорите за примена на современи методи во лекувањето на пациентите со кардиоваскуларни заболувања.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани