Охридско-струшката полиција поднесе кривична пријава против 46-годишен жител на струшкото село Подгорци, осомничен за кражба и пустошење шума. Според пријавата, со бесправна сеча на 175 кубни метри огревно буково дрво, на Јавното претпријатие „Национални шуми“ му предизвикал материјална штета од 5.250.000 денари.
Од ОВР Струга информираат дека лицето било затекнато на 16 октомври 2026 година, при координирана контрола на полицијата и Шумската полиција во планинскиот појас над селото Подгорци.
При контролата, осомничениот бил затекнат во шума во државна сопственост како со моторна пила бесправно сече немаркирани букови дрвја.
По преземените дополнителни мерки, било утврдено дека вкупната количина бесправно исечено огревно буково дрво изнесува 175 кубни метри.
Против лицето е поднесена кривична пријава за кривичните дела „кражба“ и „пустошење шума“.
