Советот на Општина Охрид на 28 октомври ќе ја одржи 17. седница, на која пред советниците ќе се најдат 30 предлог-одлуки, меѓу кои и тарифите за водните услуги, долгорочното задолжување за енергетска ефикасност, промените во управните одбори на јавните установи и повеќе урбанистички прашања.
Седницата е закажана за среда, со почеток во 9 часот, во зградата на Општина Охрид. Покрај предложениот дневен ред, советниците треба да ги усвојат и записниците од 15. и 16. седница.
Една од точките се однесува на давањето согласност за тарифата за снабдување со вода за пиење на ЈП „Водовод“ Охрид за регулаторниот период од 2027 до 2029 година. На дневен ред е и тарифата за собирање и одведување урбани отпадни води на ЈП „Нискоградба Охрид“ за истиот период.
Советниците ќе расправаат и за предлог-одлука за долгорочно домашно задолжување во рамки на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, како и за проширување на средствата на општинскиот буџет за 2026 година.
Промени во управните одбори и нови возила
На седницата се предвидени предлог-одлуки за разрешување и именување членови во управниот и надзорниот одбор на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, како и промена на член во Управниот одбор на ЈЗУ „Здравствен дом“ – Охрид.
На дневниот ред се и одлуки за примање на трајно користење специјализирано возило – цистерна, како и за отстапување на две возила-метларки за улично чистење на јавните претпријатија „Охридски Комуналец“ и „Градски гробишта“.
Советниците ќе одлучуваат и за отстапување на користење на новоизградената училишна спортска сала во состав на ООУ „Ванчо Николески“ во селото Лескоец, времено користење деловен простор од страна на Бирото за развој на образованието, како и отстапување простор за ФК „Св. Троица 2021“ – Охрид.
На дневен ред и повеќе урбанистички прашања
Поголем дел од предложениот дневен ред се однесува на урбанистички прашања. Пред советниците ќе се најдат предлог-одлуки за технички исправки во детални урбанистички планови, како и за утврдување потреба од донесување урбанистичко-планска документација за вклопување бесправно изградени објекти.
Овие точки се однесуваат на објекти и градежни парцели во Охрид, Куратица, Велгошти, Вапила, Оровник, Лескоец, Коњско и Долно Лакочереј.
Седницата е свикана со решение на претседателот на Советот на Општина Охрид од 21 октомври 2026 година.
