Со аплаузи, насмевки и многу љубов, учениците и наставниците од ООУ „Јосип Броз Тито“ во Струга денеска ја пречекаа својата ученичка Ана Стојаноска, која ја претставуваше Македонија на Детската Евровизија во Малта.
Младата пејачка од Драслајца, Струшко, со песната „Идната јас“ настапи на европската музичка сцена, претставувајќи ја земјата пред меѓународната публика. На натпреварот освои вкупно 57 поени, од кои 51 од публиката и 6 од стручното жири.
Иако натпреварувањето го заврши на 16. место, пречекот во училиштето покажа дека поддршката и гордоста за нејзиниот настап не се мерат само со освоените поени.
„Нашата ученичка Ана нè исполни со радост и гордост! Нејзиниот настап на Детската Евровизија ни покажа дека со талент, труд и храброст се освојуваат срцата“, објавија од ООУ „Јосип Броз Тито“ на својата официјална страница.
Со аплаузи и искрени насмевки, соучениците и наставниците ѝ посакаа добредојде на младата евровизиска претставничка, испраќајќи ѝ порака дека се горди на неа и на нејзиниот успех.
Ана Стојаноска со настапот на Детската Евровизија го направи своето прво големо искуство на меѓународната музичка сцена, а топлиот пречек во училиштето е потврда дека зад неа стојат нејзините соученици, наставници и средината од која потекнува.
„Ана, горди сме на тебе! Продолжи да блескаш!“, порачаа од училиштето.




